Од денеска почнува етапната исплата на августовските пензии. Министерството за труд и социјална политика информира дека пензиите ќе бидат исплатени предвреме и етапно со цел да се овозможи поголема заштита на пензионерите во услови на опасност од коронавирусот.
Подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките за пензионерите што не користат картички, ќе се реализира во четири групи според висината на пензијата:
– в среда, 26 август, исплата на пензиите со висина до 11.000 денари;
– в четврток, 27 август, исплата на пензии во висина од 11.001 денар до 14.000 денари;
– в понеделник, 31 август, исплата на пензиите во висина од 14.001 денар до 18.000 денари;
– во вторник, 1 септември, исплата на пензиите во висина над 18.000 денари.
Пензионерите што користат платежна картичка поврзана со сметката на која се префрлува пензијата со парите може да располагаат од денеска. Тие може да ја подигнат пензијата на банкомат, да ги користат средствата за плаќање во трговската мрежа или за електронски плаќања.
За пензионерите што досега ја добиваа пензијата преку Еуростандард банка АД и кои сѐ уште не отвориле трансакциска сметка во друга банка преку која ќе продолжат да ја примаат пензијата, ќе следуваат дополнителни исплати на августовските пензии на 7.9.2020, 14.9.2020 и на 25.9.2020 година.